Профил на државите
Историјат на појавата и експанзијата на амфетамините во Македонија
Амфетаминска сцена во Македонија
Амфетамински пазар и достапноста на овој вид дрога во Македонија
Ризици од употреба на амфетамин
Третман на лица кои користат амфетамин во Македонија
Едукација на општата јавност за проблемот на амфетамин во Македонија
Тематизирање на проблемот со амфетамин во македонските медиуми
Стигматизација на корисниците на амфетамин
Правните аспекти на проблемот на амфетамините
Историјат на појавата и експанзијата на амфетамините во Македонија
Во Република Македонија во 1997 година се појавуваат екстази таблетите. Високата цена, тешката достапност како и се` поголемата побарувачка ја диктира потребата и појавата на амфетаминот на пазарот во Македонија. Тој во тоа време се појавува во вид на таблети илегално пренесени во Македонија од Бугарија. Амфетаминот во почетокот на појавувањето на македонскиот пазар е поевтина и полесно достапна дрога. Брзото ширење на амфетаминот на пазарот е предизвикано пред се` од неговото подолготрајно дејство (од 8 до 20 часа) и посилна еуфорија на сметка на екстази таблетите. Во периодот од 1997 до 2000 година, дрогите произведени на амфетаминска база стануваат многу популарни, цената почнува да им опаѓа и на тој начин се овозможува масовната употреба. Амфетаминот во прво време најчесто се врзувал токму со одреден тип на музика, односно со електронската клубска сцена. Неговото долготрајно дејство кореспондира со долгите забави со електронска музика. Првите сознанија за овој вид дрога социјалните антрополози и социјалните работници ги добиваат токму од корисниците. Дури во 2000 година станува јасно дека она што дотогаш се нарекувало екстази се всушност различни видови на дроги на амфетаминска база. Имињата на овие дроги се добиваат според различните апликации и слики втиснати на површината од таблетите. Во 2002 година се детектира ширењето на употребата на амфетамини од, во прво време, речиси ексклузивно во рамки на клубската сцена, во секојдневниот живот.
Ако во прво време амфетаминот постои како основа во некои дроги (екстази таблетите) подоцна истиот почнува да се препознава како посебен вид на дрога. По препознавањето на амфетаминот како дрога различна од екстази таблетите истиот почнува да се продава засебно како прашкаста материја. Амфетаминот во форма на прав е сега најчесто продавана форма на овој вид дрога. Според тоа најчест начин на употреба на истиот е преку вшмркување, односно назално. Поретко се употребува и орално, односно помешан во течност. Оралниот начин на употреба е потежок за препознавање како чин на употребување дрога од страна на полицијата. Најретко се употребува преку инјектирање или пушење во вид на цигара. Инјектирањето амфетамини се разликува од инјектирање опијати затоа што нема потреба од користење на киселина (лимонтус) за да се растворат амфетамините и нема потреба од загревање на течноста за да се поттикне хемискиот процес.
Амфетаминска сцена во Македонија
Искуствата на корисниците на амфетамин во голема мера се слични. Според нив амфетаминската сцена во Македонија ја чинат претежно млади луѓе, студенти или млади бизнисмени. Поретко, студентите користат амфетамин пред испит за „подобра“ концентрација при учењето. Иако бројот на овој тип на корисници е многу мал, љубопитството за „амфетаминските десетки“ помеѓу студентите е многу големо. Корисниците сметаат дека мажите повеќе користат амфетамин одошто жените. Всушност тешко може да се зборува исклучиво за амфетаминска сцена во Македонија бидејќи овој вид на дрога најчесто се употребува во комбинација со други дроги, па така корисници само на амфетамин речиси и да не постојат. Сите корисници кои беа интервјуирани рекоа дека користат амфетамин во комбинација со други дроги (симултано и/или сукцесивно). Еден дел од корисниците освен амфетамин користи марихуана, кокаин и таблети екстази. Причините за ова корисниците ги лоцираат во недостатокот на овој вид на дрога во нашата држава, односно недоволната развиеност на амфетаминскиот пазар. Останатиот дел од корисниците комбинираат дроги со спротивен ефект, како на пример амфетамин со хероин, метадон, дијазепам. Разликата што овој дел од корисниците ја појави споредбено со останатиот е феноменот на „спуштање и дигање“. Еуфоријата предизвикана на амфетаминот (дигањето) е подоцна прекината и заменета од дејството на хероинот или метадонот (спуштањето). Друга поделба на две групи се појавува и преку класната сегрегација според раскажувањата на корисниците. Според нив побогатите луѓе користат амфетамин и кокаин, а посиромашните амфетамин и хероин или метадон.
Амфетамински пазар и достапноста на овој вид дрога во Македонија
Повеќето од интервјуираните корисници зборуваа за тешката достапност на овој вид дрога. Нејзината сличност со други видови на дрога како што се кокаинот и екстази таблетите ги прави вториве полесно достапна замена за амфетаминот. Сепак помеѓу младите има развиена мрежа за дистрибуција.
Квалитетот на амфетаминот воглавно е лош, со бројни примеси што имаат токсичен ефект врз организмот. Корисниците тврдат дека квалитетот и цената зависат од дилерот. Неретко кога корисниците мислат дека купуваат кокаин, добиваат амфетамин. Тие зборуваа за нивниот однос кон дилерите. Според нив ако дилерот ти е близок или проверен тогаш амфетаминот ќе биде со точна грамажа и проверен квалитет. Дилерите од кои купуваат амфетамин речиси никогаш не ја продаваат само и единствено оваа дрога. Поради тешката достапност на амфетамин кај истиот дилер купуваат екстази таблети или кокаин. Некои од интервјуираните кај истите дилери купуваат марихуана. Само еден од интервјуираните рече дека дилерот на амфетамин не продава други видови на дрога. Една третина од интервјуираните амфетамин користат еднаш до двапати годишно, а останатите дроги многу почесто. Другата третина од нив, користат еднаш до двапати месечно, но тие познаваат дилери кои ги снабдуваат навремено и редовно. Еден од интервјуираните купува амфетамин од Бугарија, бидејќи како што вели: „во Македонија во некои периоди одвај се наоѓа.“ Другиот дел од интервјуираните амфетаминот го користи еднаш до двапати неделно или десет пати месечно. Некои немаат проблем да најдат амфетамин на пазарот во Македонија, а некои користат редовно единствено кога го има на пазарот во Македонија. Цената на амфетаминот се движи од 800 до 1200 денари за грам во Македонија. Според корисниците цената е превисока во споредба со пазарот надвор од нашата држава, а истовремено понудата е неквалитетна или квалитетна но со помала грамажа од ветеното.
Нашето истажување покажа дека познавањето на проблемот на амфетамините е најмало во делот на ризиците. Основен ризик е не/чистотијата на амфетамините кои се достапни на нелегалниот пазар. Корисниците, членовите на семејствата на корисниците беа сложни околу потребата од можност за тестирање на квалитетот на дрогата. Во 2004 година се формирира тим за намалување на штети од употреба на клубски дроги во Македонија, чија цел, меѓу другото, била да се промовира потребата за тестирање на амфетаминските таблети за да се потврди не/квалитетот. Сепак оваа иницијатива не се реализира.
Ризици од употреба на амфетамин
Токму поради непознатите супстаници во амфетамините не може секогаш да се знае со сигурност од што се предизвикани несаканите последици. Непосредно, употребата на амфетамини може да предизвика дехидрација, мозочни проблеми, психички нарушувања (иако прашање е дали тие нарушувања се директна последица од амфетамините или амфетамините делуваат само како прекурсори). Индиректно, поведението на луѓето под дејство на амфетамин се менува, опаѓа претпазливоста и се зголемува ризикот за здравствени и социјални последици кои настануваат како резултат на: ризичен секс, невнимателно управување со моторно возило и слично. Половината од испитаните корисници на амфетамин одговорија дека управуваат со моторно возило додека се под дејство на амфетамин, а останатата половина избегнува да го прави истото.
Докторот кој беше дел од нашето истражување имал 3 до 4 пати искуство со корисници на амфетамин кои побарале помош, во рамки на клиничката практика во психијатријата. Тоа биле главно лица кои имале проблеми на психички план по употребата на амфетамин. Зависноста на овие лица е дознаена во процедурите на добивање податоци при формирање на историјата на болест. Во рамките на советувањата кои докторот ги работи во невладината организација ХОПС, најчесто се сретнувал со опијатски корисници кои се обидувале да ја „лекуваат“ опијатната зависност со амфетамини (синдромот на дигање и спуштање). Во најголем број овие лица додека немаат симптоми не се доживуваат себеси како зависници од некоја психоактивна супстанца. Контактот со медицинска институција првично го остваруваат во интернистичка амбуланта (поради срцебиење, повисок крвен притисок, проблеми со дишењето и слично) или во психијатриска болница поради одредени психички доживувања кои се последица на употребата на амфетамини (страв од паничен напад, вознемиреност, депресивност како подоцнежна последица, во потешки случаи и акутна психотична декомпензација). Значи, поголем процент од овие лица се обраќаат во ургентните служби (Клиника за токсикологија), а поретко се обраќаат заради третман на самата зависност. Профилите кои ги третираат се главно психијатри, психолози, социјални работници, медицински сестри, како и мултидисциплинарни тимови во ретките центри за третман на овие лица. Иако на никој од интервјуираните корисници досега не му била потребна помош, доколку дојде до тоа истите би ја побарале во ургентниот центар, од пријателите или во невладината организација ХОПС. Ниеден од членовите на нивните семејства немал потреба да побара помош за корисникот, но доколку тоа се случи во иднина помош би побарале во клиниката за токсикологија или кај психијатар. Овие искажувања ја потврдуваат слабата информираност на општата јавност, корисниците на амфетамин и членовите на нивните семејства по однос не само на можните ризици, туку и на информациите за помош и третман.
Третман на лица кои користат амфетамин во Македонија
Не постојат програми за намалување на штети за амфетамински корисници. Во болниците не постојат програми за третман на оваа зависност, односно, како што веќе споменавме, лекувањето е симптоматско во насока на лекување на депресивноста и претераната симпатичка стимулација. Потребен и неопходен е специјализиран третман за лекување на корисници на амфетамин. Недостатокот на третман е примарен негативен аспект по однос на проблемот со амфетамини во Македонија.
Социјалниот антрополог потврди дека дури ни обидите да се воспостави примарна превенција не наишле на одобрување затоа што оние кои имаат средства да финансираат вакви иницијативи не се заинтересирани за оваа проблематика. Мрежата за намалување на штети на Централна и Источна Европа ималa таква иницијатива, но по проценката на ситуацијата во Македонија ја исклучилa нашата држава од понатамошните активности. Голем предизвик е да се зборува за специфичен третман во наштата држава имајќи ја предвид потребата од постоење на обучен персонал за третман на лица кои употребуваат амфетамин. Непосредна обука на медицински лица отсуствува од практиката во Македонија, а третманот е симптоматски. Освен ова постојат и други недостатоци во нашата држава по однос на проблемот со амфетамините. Се забележува голем недостаток на свест за ризиците, не само кај оние кои употребуваат амфетамин, туку и кај оние кои креираат политики. Дури и меѓународните организации кои се занимаваат со вакви проблематики чекаат прво „да се разгори оганот“ за потоа да дојдат да го „гаснат“. Најчесто алиби за ваквото игнорирање на проблемот е дека ниската преваленца е економски неоправдана. Но, висока преваленца не може да се докаже доколку не се прават истражувања. Во своето искуство со оваа проблематика социјалниот антрполог не наишол на ниту едно темелно истражување поврзано со темата на амфетамините, освен некои помали истражувања чиј примнарен фокус сепак не биле амфетамините туку дрогите воопшто. Можеме да заклучиме дека она што најмногу недостасува е специфична политика и стратегии за справување и третирање на овој вид на дрога. Наместо тоа стратегиите и политиките се генерални, без посебен фокус на различните аспекти и предизвици кои во себе ги носат различните видови дроги.
Едукација на општата јавност за проблемот на амфетамин во Македонија
Членовите на семејствата на корисниците на амфетамин не знаат многу за овој вид на дрога. Единствено знаат дека е хемиска, односно синтетичка дрога која се продава во прав и чини помалку од кокаинот. Можеби најпроблематичен е фактот што многумина сметаат дека тоа минамално знаење е сосема доволно. Според нив оваа дрога е пред се` рекреативна дрога и шансите за зависност се многу мали.
Покрај сериозните недостатоци детектирани од експертите по однос на оваа проблематика, едукацијата за амфетамините во Македонија е на ниско ниво. Особено е алармантна слабата едукација на младите по однос на амфетамините имајќи го предвид фактот дека токму младата популација е најмногу застапена кај корисниците на амфетамин. Третирањето на амфетамините не е вклучено во наставните програми во средните училишта. Наставниот кадар во училиштата генерално не е запознаен со проблемот на амфетамините, нивното дејство, употреба и ризици. Во текот на едно полугодие во некои училишта се отвора темата за дрогите еднаш до двапати, но акцентот на овие часови е најчесто ставен на марихуаната. Оној дел од наставниот кадар кој е заинтересиран за оваа проблематика се информира од брошури и интернет. Голем проблем и недостаток на овој тип на информирање е многу честата нерелевантност на податоците и тематизирање на дрогите и амфетамините низ стереотипи и стратегии на дискриминација. Сепак во подготовка и во тек е пилот фаза на програми за обука поврзани со темата на дрогите во три средни училишта. Обуки и едукации во Македонија на темата на дрогите генерално иако ретко сепак постојат. Досега најчесто обуките биле наменети за учениците, а не за наставниот кадар. Во програмата по предметот психологија за средно образование се тематизира дрогата, но не се изучуваат поединечни видови на дроги туку само „изменетите видови на свеста“. На Институтот за социјална работа и социјална политика во наставните предмети не се тематизираат различните видови дроги. Единствено во рамки на предметот Ментална хигиена се обработуваат „болестите на зависност“ генерално, без поединечен фокус на зависностите од различни видови дроги.
Тематизирање на проблемот со амфетамин во македонските медиуми
Информации за овој вид на дрога корисниците најмногу добиваат од пријателите. Според нив во медиумите многу ретко, односно речиси никогаш не се тематизира токму амфетаминот. Некои од интервјуираните корисници информации за амфетаминот добиваат пред се` од дилерот. На интернет истотака пишувани текстови за амфетаминот на македонски јазик речиси и да нема. Некои информации кои можат да се добијат преку интернет се на англиски јазик. Молкот на медиумите и јавноста по однос на овој вид дрога, од една страна, може да се смета за општоприфатен став дека амфетаминот е речиси безопасна дрога. Од друга страна пак, амфетаминот во медиумите се сретнува единствено во генералните теми за дрогата, односно само како набројуван вид на дрога или во црните хроники кога се уапсени луѓе за недозволено поседување и трговија со амфетамин. Ова укажува на постоењето на предрасуди поврзани со корисниците на дрога. Досега во македонските медиуми постои единствено еден прилог на оваа тема, а останатите споменувања на амефатмините во медиумите се исцрпуваат во делот на наброени дроги. Некои новинари минале низ фокус групи посветени на медиумите и маргинализиарните групи со посебен интерес, во еден дел, на корисници на дроги и обуки посветени на проблемот со дроги и корисници на дроги. Политички коректниот говор не е редовно, но сепак во најголем број случаи е запазен при известување или тематизирање на проблемот со дроги и корисници на дроги. Порано во медиумите имало повеќе случаи на дискриминација кон корисници на дрога, но сега работите се менуваат на подобро. Проблеми со дискриминарчки говор има во рубриката црна хроника кадешто вршителите на дадени криминални акти се дефинирани како „зависници“ или „наркомани“ иако тоа нема никаква врска со криминалот кој го извршиле. Според експертот за медиуми кој беше интервјуиран проблемот во овој вид на дискриминација лежи пред се` во соопштенијата кои новинарите ги добиваат од Министерството за внатрешни работи. Во тие соопштенија секогаш кога одреден криминален акт е извршен од корисник или зависник од дрога тоа се потенцира, што не е случај со останатите категории на луѓе.
Стигматизација на корисниците на амфетамин
Сите интервјуирани корисници на амфетамин сметаат дека во Македонија се стигматизирани корисниците на дрога и нивните семејства. Најголема стигматизација доживуваат оние луѓе кои почесто употребуваат дроги. Интервјираните кријат дека користат амфетамин од своите колеги на работа, професори, претпоставени, родители и слично. Во најголем дел тие се плашат од загуба на работното место. Сепак тие велат дека корисниците на амфетамин потешко се препознаваат, и како најстигматизирани ги посочуваат зависниците од опијати. Корисниците на амфетамин во Македонија не се препознаени како посебна корисничка група, па така стигматизацијата што истите ја чувствуваат е дел од општата стигматизација кон сите корисници на дроги. Сепак доколку истите би го откриле својот проблем, стигмата би била неизбежна.
Правните аспекти на проблемот на амфетамините
Интервјуираниот правник зборуваше за стигматизација на корисниците на амфетамин во судовите во Република Македонија. Неговото искуство кажува дека истите во судовите се нарекувани „наркомани“ и третманот кон оваа категорија луѓе од страна на претставниците на судскиот систем е полош од нивниот третман кон сите други прекршители на законот. Во законот на Република Македонија не се третира посебно поседувањето, производството и пуштањето во промет на амфетамините. Тие се имплицирани во синтагмата „опојни средства, дроги, прекурзори“. Законот на Република Македонија не предвидува минимална доза која е дозволена за поседување на амфетамин. Корисниците кои се осудени за поседување на овој вид на дрога не се праќаат на лекување, туку на издржување казна.
Превземања
НемаЛинкови
Media monitoring report for Macedonia (November 15 -December 15, 2009)Short information about the media environment in Macedonia

With financial support from Drug Prevention and Information Programme of the European Union. This website has been developed with the assistance of the European Union. The contents inside are the sole responsibility of the implementing organizations and can in no way be taken to reflect the views of the European Union.